ХРВАТСКА ЌЕ ИМ ДАВА САМО ЕДНА ДОЗА ОД ВАКЦИНАТА НА ОНИЕ КОИ ГО ПРЕЛЕЖАЛЕ КОВИД-19 ПРЕД ТРИ ДО ШЕСТ МЕСЕЦИ

    ХРВАТСКА ЌЕ ИМ ДАВА САМО ЕДНА ДОЗА ОД ВАКЦИНАТА НА ОНИЕ КОИ ГО ПРЕЛЕЖАЛЕ КОВИД-19 ПРЕД ТРИ ДО ШЕСТ МЕСЕЦИНови истражувања велат дека лицата кои оздравеле од ковид-19 немаат голема корист од втората доза (Фото: Ѓ. Личовски)

    Хрватска воведе голема промена во вакцинирањето против ковид-19, па оние кои веќе ја прележале болеста ќе примат само една доза од вакцината.

    „Сега веќе има доволно податоци кои кажуваат дека втората доза од вакцината не придонесува за нивото на антителата кај оние кои веќе ја прележале болеста“, изјави директорот на Хрватскиот завод за јавно здравство Крунослав Цапак.

    Тој појасни дека ова се однесува на лицата кои ја прележале болеста во претходните три до шест месеци.

    „Засега сметаме дека една доза е доволна. Информациите брзо се менуваат. Можеби со тек на време ќе препорачаме да се вакцинираат со две дози, но во моментов, сметаме дека една е сосема доволна. Ако сте ја примиле првата доза пред да се разболите, втората доза треба да ја примите во рок од три до шест месеци“, дополни хрватскиот епидемиолог Бернард Каиќ.

    Универзитетот Пен во Филаделфија пред две недели објави резултати од своето истражување, кои велат дека лицата кои оздравеле од ковид-19 развиле силен имунолошки одговор по само една доза од вакцина со информациона РНК, но немаат голема корист од втората доза.

    Од февруари, повеќе европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Шпанија и Италија, имаат усвоено политика да им се дава само една доза на оние кои ја прележале болеста. Во САД, Центарот за контрола и превенција на болести и натаму препорачува сите да добиваат по две дози.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира