Водачите на државниот удар во Нигер го затворија воздушниот простор на земјата, поради заканата од воена интервенција од нивните соседи. Веб-страницата за следење летови Флајтрадар24 покажува дека моментално нема авиони на небото на Нигер. Групата земји од Западна Африка, ЕКОВАС, претходно предупреди дека може да употреби сила ако претседателот Мохамед Базум не биде вратен на функцијата до вчера на полноќ. Портпаролот на хунтата вели дека вооружените сили на Нигер се подготвени да ја одбранат земјата.
Базум беше приведен на 26 јули, а генералот Абдурахман Тчиани, командант на претседателската гарда, подоцна се прогласи себеси за нов лидер. Пучот беше осуден од меѓународната заедница, меѓу кои и од поранешната колонијална сила Франција и остатокот од Европската унија, како и од Обединетите нации и САД. Вчера, читајќи изјава на националната телевизија, претставникот на нигерската хунта рече дека имаат информации оти „странска сила“ се подготвува да го нападне Нигер.
По кризниот состанок во Нигерија, воените началници на ЕКОВАС во петокот изјавија дека подготвиле детален план за можна употреба на сила. Тие поставија ултиматум пред една недела, барајќи од генералите да се откажат од власта до полноќ по локално време, што сега помина. ЕКОВАС е регионален трговски блок од 15 западноафрикански земји, меѓу кои и Нигерија, Сенегал, Того и Гана.
Водачите на пучистите се чини дека не покажуваат никаков знак на подготвеност да ја отстапат власта, а вчера илјадници нивни поддржувачи пркосно се собраа на стадионот во главниот град на Нигер, Ниамеј.