И Џо Бајден и неговиот наследник во Белата куќа Доналд Трамп ги преземаат заслугите за постигнатиот договор за примирје во Газа, што се спремаше со месеци, но беше помогнат и од претставеник на Трамп.
Потврдувајќи го договорот, Бајден синоќа кажа дека тој во голема мера е заснован врз рамката на договорот што тој го подготви во мај.
„Планот беше развиен и преговаран од мој тим, а ќе го спроведува новата администрација. Затоа му кажав на мојот тим да продолжи целосно да ја информира новата влада“, кажа Бајден.
Во исто време, Трамп на својата социјална мрежа ги презеде заслугите за постигнувањето на договорот, кој уследи по неколку месеци застој во преговорите. Тој често кажуваше дека двете страни пеколно ќе платат ако договорот не биде постигнат до неговото враќање во Белата куќа.
„Овој епски договор за примирје беше овозможен од нашата историска победа во ноември, која му навести на целиот свет дека мојата влада ќе бара мир и ќе преговара за договори за да се осигура безбедноста на сите Американци и нашите сојузници“, кажа Трамп.
Трамп го испрати својот специјален претставник за Блиски Исток Стив Виткоф да се придружи на преговорите во Доха. Тој бил таму во последните 96 часа од преговорите. Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер изјави дека Бајден сакал тим на Трамп да биде вклучен во преговорите зашто неговата влада ќе има задача да го спроведува договорот за примирје.
„Во изминатите неколку дена зборувавме како еден тим“, рече Бајден.
Договорот за примирје и за ослободување на заложниците ќе стапи на сила на 19 јануари и ќе се спроведува во три фази, што вклучува и постепено повлекување на израелските сили од Газа и нејзина обнова.