И ШОУМЕНОТ СЛАВИ ТРИФОНОВ ЌЕ ГО ВРАТИ МАНДАТОТ ЗА СОСТАВУВАЊЕ ВЛАДА, БУГАРИЈА ПРЕД НОВИ ИЗБОРИ

    И ШОУМЕНОТ СЛАВИ ТРИФОНОВ ЌЕ ГО ВРАТИ МАНДАТОТ ЗА СОСТАВУВАЊЕ ВЛАДА, БУГАРИЈА ПРЕД НОВИ ИЗБОРИТрифонов вели дека нема доволно пратеници или партнери за да формира стабилна влада

    Шоуменот Слави Трифонов го прекина тринеделниот молк откако неговата партија Има таков народ го освои второто место на парламентарните избори во Бугарија и кажа дека ќе ја номинира светската шампионка во шах Антоанета Стефанова за нова премиерка, но истовремено додаде дека таа веднаш ќе го врати мандатот. Трифонов појасни дека неговата партија нема доволно пратеници или партнери за да формира влада.

    Нашиот предлог за премиер е Антоанета Стефанова. Таа има економско образование и зборува пет јазици. Се разбира, Стефанова веднаш ќе го врати мандатот. Во иста секунда. Ова е затоа што Има таков народ нема доволно пратеници или партнери за да формира стабилна влада. Поддршка ни нудат политички актери кои се штетни, алчни и докажано искомпромитирани“, изјави Трифонов, кој набргу по изборите кажа дека има ковид-19. 

    ГЕРБ, партијата на Бојко Борисов, прва доби можност да формира влада откако победи на изборите, но го врати мандатот зашто сите партии кои влегоа во парламентот одбија да соработуваат со неа.

    Претседателот Румен Радев сѐ уште не објавил кога планира да му го понуди мандатот на Трифонов, чија партија освои 51 пратеничко место во 240-члениот парламент. Ако Трифонов остане на својот збор, Радев ќе мора да бара трет мандатар, а доколку и третиот обид биде неуспешен, тој според уставот ќе мора да го распушти парламентот и да распише нови избори во рок од два месеца.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира