Претседатели, членови на кралски семејства и мноштво ожалостени верници се простија од папата Фрањо на неговиот погреб денеска, на кој кардинал рече дека наследството на понтифот да се грижи за мигрантите, угнетените и животната средина не смее да умре со него. На едната страна од ковчегот на Фрањо на огромниот плоштад Свети Петар седеше американскиот претседател Доналд Трамп, кој се судри со папата за тие прашања. На другата страна седеа кардиналите кои мора да одлучат дали наследникот на Фрањо треба да продолжи со неговиот притисок за поотворена црква или да им отстапи на конзервативците кои сакаат да се вратат на потрадиционалното папство.
„Богат со човечка топлина и длабоко чувствителен на денешните предизвици, папата Фрањо навистина ги сподели вознемиреноста, страдањата и надежите на ова време“, рече 92-годишниот италијански кардинал Џовани Батиста Ре, кој ја водеше погребната миса.
Аргентинскиот папа Фрањо, кој владееше 12 години, почина на 21 април на 88-годишна возраст, откако доживеа мозочен удар.

Ватикан проценува дека повеќе од 250.000 луѓе присуствуваа на церемонијата на огромниот плоштад Свети Петар, која траеше два часа. (Фото: ЕПА)
Масата народ, која го преполни плоштадот и патиштата наоколу, изби во аплауз кога Ре зборуваше за грижата на Фрањо за имигрантите, неговите постојани молби за мир, потребата од преговори за ставање крај на војните и важноста на климата. Повторно ракоплескаа силно на крајот на богослужбата кога воведниците го зедоа ковчегот и малку го наведнаа за да го видат повеќе луѓе, а во позадина биеја црковните ѕвона.
Ковчегот беше ставен на папамобил со отворен покрив и возеше низ срцето на Рим до базиликата „Санта Марија Маџоре“, низ шпалир на илјадници луѓе. Фрањо, кој избегнуваше голем дел од раскошот и привилегиите на папството за време на неговото 12-годишно владеење, побара да биде погребан таму наместо во криптата на „Свети Петар“, која е традиционално почивалиште за папите.
Воздушните снимки на Ватикан за време на погребот покажаа крпеница од бои – црна од темната облека на светските лидери, црвена од облеката на околу 250 кардинали, виолетова што ја носеа некои од 400-те бискупи и бела што ја носеа 4.000 присутни свештеници. Хоровите пееја латински химни и молитвите беа рецитирани на различни јазици, вклучувајќи италијански, шпански, кинески, португалски и арапски, што го одразува глобалниот досег на Римокатоличката црква со 1,4 милијарди членови. Ватикан проценува дека повеќе од 250.000 луѓе присуствуваа на церемонијата, која траеше два часа.
Фрањо, првиот неевропски папа по речиси 13 века, се бореше за преобликување на Римокатоличката црква, застанувајќи на страната на сиромашните и маргинализираните, истовремено предизвикувајќи ги богатите нации да им помогнат на мигрантите и да се борат против климатските промени.
„Фрањо на сите им остави прекрасно сведоштво за човештвото, за светиот живот и за универзалното татковство“, се вели во формалниот резиме на неговото папство, напишано на латински и поставено до неговото тело. Наспроти традицијата, тој ќе биде првиот папа што ќе биде погребан надвор од Ватикан по повеќе од еден век, претпочитајќи ја „Санта Марија Маџоре“ на околу 5,5 километри од „Свети Петар“. На неговиот гроб само е испишано „Францискус“, неговото име на латински. Над мермерната плоча виси репродукција на едноставниот, железен крст што го носел околу вратот.
Италија ја спроведе една од најголемите безбедносни операции што земјата ги видела од погребот на папата Јован Павле Втори. Го затвори воздушниот простор над градот и повика дополнителни безбедносни сили, со противвоздушни ракети и патролни чамци кои го обезбедуваа настанот.
Веднаш по погребот на Фрањо, вниманието ќе се префрли на тоа кој би можел да го наследи. Тајната конклава за избор на наследник веројатно нема да започне пред 6 мај, а можеби нема да започне неколку дена потоа, давајќи им време на кардиналите претходно да одржуваат редовни состаноци за да се сумира и да се процени состојбата на Црквата, опкружена со финансиски проблеми и идеолошки поделби.