Последните мировни предлози на Иран испратени во САД содржат запирање на борбите на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан, повлекување на американските сили од областите блиску до Иран и исплата на воена отштета, објавија иранските државни медиуми. Заменик-министерот за надворешни работи Казем Гарибабади кажа дека Иран бара и укинување на американските санкции, прекин на американската поморска блокада на иранските пристаништа и ослободување на замрзнатите ирански средства.
Овие барања на Иран не се разликуваат многу од претходната понуда, што Доналд Трамп ја опиша како „ѓубре“ и неприфатлива.
Трамп објави дека го откажал воениот напад врз Иран планиран за денеска на барање на заливските земји, додавајќи дека „сериозни разговори се во тек“.
„Планирав многу голем напад, но го одложив за кратко време, се надевам, можеби засекогаш. Има многу позитивен развој на настаните, но ќе видиме дали ќе доведе до нешто. Се чини дека има многу добри шанси за договор за ограничување на иранската нуклеарна програма“, кажа Трамп.
Посредникот Пакистан вчера потврди дека им испратил на САД ревидирана верзија на иранските барања.
„Двете страни постојано ги менуваат своите правила. Немаме многу време“, изјави еден пакистански извор.
Иако ниту една страна јавно не откри никакви отстапки во преговорите што се заглавени еден месец, висок ирански функционер кажа дека Вашингтон можеби ублажува некои од своите барања. Тој рече дека САД се согласиле да ослободат една четвртина од замрзнатите средства на Иран, што се чуваат во странски банки и дека покажале поголема флексибилност со тоа што му дозволуваат на Иран да продолжи со одредена мирна нуклеарна активност под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија.



