ИРАН СÈ УШТЕ НЕ РЕШИЛ ДАЛИ ЌЕ УЧЕСТВУВА ВО МИРОВНИ РАЗГОВОРИ СО САД, ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА ВЕРОЈАТНО НЕМА ДА ГО ПРОДОЛЖИ ПРИМИРЈЕТО

    ИРАН СÈ УШТЕ НЕ РЕШИЛ ДАЛИ ЌЕ УЧЕСТВУВА ВО МИРОВНИ РАЗГОВОРИ СО САД, ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА ВЕРОЈАТНО НЕМА ДА ГО ПРОДОЛЖИ ПРИМИРЈЕТОВо Исламабад се во тек сеопфатни безбедносни подготовки за нова средба САД-Иран (Фото: АП)

    Доналд Трамп изјави дека е малку веројатно дека ќе го продолжи примирјето помеѓу САД и Иран, кој сѐ уште не потврдил дека ќе учествува во втората рунда мировни разговори во Пакистан. Двонеделното примирје истекува в среда во еден час по средноевропско време и Трамп кажа дека американската војска ќе продолжи со поморската блокада на иранските пристаништа сѐ додека не се склучи договор за крај на војната.

    Висок ирански функционер изјави дека Техеран „позитивно го разгледува“ своето учество во потенцијални мировни преговори со САД, но нагласи дека не е донесена конечна одлука. Иран претходно соопшти дека нема планови за нова рунда преговори со САД,

    Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Есмаил Багеи изјави дека американскиот напад врз ирански товарен брод, американската блокада на иранските пристаништа и одложувањето на спроведувањето на прекинот на огнот во Либан претставуваат јасно кршење на примирјето.

    Вашингтон покажа дека не е сериозен во врска со продолжувањето на дипломатскиот процес и затоа Техеран нема да ги промени своите барања“, рече Багеи.

    Иако беше најавено дека американската делегација е на пат за Исламабад, поради неизвесната ситуација, потпретседателот Џеј-Ди Венс засега останува во Белата куќа. Ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека посредникот Пакистан вложува големи напори за прекин на американската блокада и за обезбедување учество на Иран во преговорите.

    САД се надеваа дека ќе започнат преговори во Пакистан непосредно пред истекот на прекинот на огнот и во Исламабад се во тек сеопфатни безбедносни подготовки, но Багеи рече дека САД „инсистираат на некои неразумни и нереални позиции“.

    Пакистански извор рече дека клучниот посредник, фелдмаршалот Асим Мунир, му рекол на Трамп дека блокадата е пречка за разговорите и оти тој ветил дека ќе го разгледа советот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира