Иран се закани со жестока одмазда откако утрово во американски воздушен напад во Багдад беше убиен неговиот најмоќен генерал Касем Солејмани, кој како водач на елитните единици Кудс раководеше со иранските воени интервенции на Блиски Исток.
САД ги советуваа своите државјани веднаш да го напуштат Ирак и најавија дека ќе испратат дополнителни 3.000 војници на Блиски Исток.
Солејмани (62) и деветмина негови соработници беа убиени кога нивните автомобили беа погодени со неколку проектили додека заминуваа од аеродромот во Багдад. Тој важеше за втор најмоќен човек во Иран, веднаш зад Ајатолахот Али Хаменеи, додека Трамп го опиша како терорист одговорен за милиони мртви.
„Солејмани беше меѓународен симбол на отпорот. Жестока одмазда ги чека оние кои го убија“, изјави Али Хаменеи, именувајќи го заменикот на Солејмани, Есмаил Гани, за нов водач на Кудс.
Илјадници луѓе излегоа на улиците на Техеран за да го осудат убиството на Солејмани, кој како ветеран на иранско-ирачката војна од 1980-ите имаше статус на национален херој. Во изминатите две децении, Солејмани разви мрежа на добро вооружени сојузници во Либан, Ирак и Сирија и ја оркестрираше сириската офанзива против бунтовничките групи во тековната граѓанска војна.
„САД не сакаат нова ескалација на односите, туку нападот имаше за цел да спаси животи. Ние не сакаме војна со Иран“, изјави државниот секретар Мајк Помпео.