Доналд Трамп го отфрли иранскиот одговор на американските предлози за завршување на војната како целосно неприфатливи. Иранската новинска агенција „Тасним“ соопшти дека одговорот на Иран, испратен преку посредникот Пакистан, вклучува моментален крај на војната на сите фронтови, прекин на американската поморска блокада на иранските пристаништа и гаранции дека нема да има нови напади.
Минатата недела, Трамп кажа дека војната во Иран ќе заврши брзо. Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека иранските залихи на збогатен ураниум мора да бидат отстранети пред војната да се смета за завршена.
„Сè уште има објекти за збогатување кои мора да се демонтираат“, рече Нетанјаху.
Според иранските државни медиуми, предлогот на Техеран вклучува барање за надомест за воена штета и акцент на иранскиот суверенитет над Ормускиот Теснец.
„Тукушто го прочитав одговорот од таканаречените претставници на Иран. Не ми се допаѓа, тотално неприфатливо“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Американскиот сајт „Аксиос“ објави дека американскиот меморандум од една страница и 14 точки вклучува одредби како што се суспензија на иранското збогатување ураниум, укинување на санкциите и враќање на слободниот транзит низ Ормускиот теснец. Според изворите на „Аксиос“, многу од условите наведени во меморандумот ќе зависат од постигнувањето конечен договор.
„Никогаш нема да ги наведнеме главите пред непријателот, а ако има дијалог или преговори, тоа не значи предавање или повлекување“, кажа иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.



