Стотици Иранци излегоа на улиците на Техеран за да го изразат својот гнев против властите зашто во прв момент лажеле дека украинскиот патнички авион не бил погоден со проектил.
Протестите се одржаа во кругот на неколку универзитети и добија поддршка и од Доналд Трамп, кој на Твитер ги нарече „инспиративни“. Полицијата наводно употребила и солзавец против демонстрантите, при што бил уапсен британскиот амбасадор во Иран под сомнение дека сакал да испровоцира порадикални акции.
Иран вчера призна дека „боинг 737-800“ на украинскиот национален авиопревозник бил соборен од неговата противвоздушна одбрана, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот. Несреќата се случи само неколку часа откако Иран ракетираше две американски воени бази во Ирак.
Околу илјада студенти се собрале на универзитетите со намера да им оддадат почит на жртвите, што се претворило во револт кон властите, при што се извикувале слогани против лидерите и се кинеле фотографии од Солејмани. Тие побарале да им се суди на одговорните за несреќата.
Генералот на иранската воена авијација Амир Али Хаџизадех појасни како дошло до кобната грешка.
„Надлежниот за проектилите дејствувал сам, откако авионот го заменил за крстосувачки проектил. Тој имал десет секунди да донесе одлука дали да пука или не“, изјави Хаџизадех.