Италија се подготвува да забрани покривање лице во училиштата и да го ограничи бројот на странски ученици по клас, изјави премиерката Џорџа Мелони.
„Мерката наскоро ќе биде презентирана на состанок на кабинетот за законско утврдување на максималниот број странски ученици по клас. Исто така, ќе се бара од родителите на странските ученици кои се соочуваат со сериозни тешкотии при интегрирањето во училишниот систем да го учат италијанскиот јазик и ќе се забранат бурките и никабите во училиштата“, изјави Мелони.
Италија е меѓу европските земји кои се најизложени на пристигнувања на мигранти, што ја прави миграцијата жешко прашање и голем предизвик за властите. Интеграцијата на мигрантите, особено на оние со муслиманско потекло, останува спорна во италијанското општество. Дебатите за религиозните симболи, културната интеграција, правилата за државјанство и за имиграциската политика често го поларизираат јавното мислење.
„Ако има само едно дете во класот кое не разбира италијански, тоа дете веројатно ќе може да го научи јазикот и брзо да се интегрира со помош на соучениците и наставниците. Меѓутоа, ако бројот на деца кои не го разбираат јазикот стане голем, па дури и мнозинство, тоа веќе не е интеграција, туку занемарување“, додаде Мелони.
Учениците кои не се италијански државјани сочинуваат 11,6% од запишаните во италијанските училишта.
„Мора да одите на училиште со откриено лице. Во Италија, никој во име на вистинска или наводна традиција не може да одлучи дека млада жена мора да се скрие“, рече Мелони.



