Италијанската влада прогласи вонредна состојба поради големиот број мигранти кои доаѓаат преку Средоземното Море во изминатите недели. Премиерката Џорџа Мелони кажа дека оваа мерка има за цел да обезбеди ефективен и правовремен одговор на напливот на мигранти.
Владата соопшти дека во следните месеци се очекува зголемување на бројот на мигранти кои доаѓаат на брегот на Италија. Вонредната состојба ќе биде на сила шест месеци и на овој начин ќе се пренасочат пет милиони евра кон погодените региони на југот.
Владата ја прогласи вонредната состојба на предлог на министерот за цивилна заштита Нело Мусумеки.
„Мора да биде јасно дека вонредната состојба нема да го реши проблемот. Во тоа може да помогне само намерна и одговорна интервенција на Европската Унија“, изјави Мусумеки.
Досега оваа година биле регистрирани повеќе од 28.000 мигранти кои стигнале до италијанската територија, наспроти 6.900 во истиот период лани.