Главната опозициска партија во Турција се подготвува да ги оспори резултатите од референдумот кој даде тесна победа на желбите на претседателот Реџеп Тајип Ердоган во голема мера да ги прошири овластувањата на неговата функција.
Опозициските партии се пожалија на голем број неправилности во гласањето, меѓу кои и одлуката на Изборната комисија да ги прифати за важечки гласачките ливчиња кои не биле со официјален печат. Тие велат дека се спорни 60 отсто од гласовите и бараат пребројување, а ја критикуваа одлуката на Изборната комисија да ги прифати ливчињата без печат како важечки освен ако не се докаже спротивното.
Три од најголемите градови во Турција – Истанбул, Анкара и Измир – гласаа „не“.
Опозицијата во овие градови излезе на демонстрации правејќи бучава со удирање по тенџериња.
Гласот “за” доби 51,41 отсто на референдумот вчера, додека “не” доби 48,59 отсто, според државната агенција Анадолу. Излезноста беше 85 отсто. Изборната комисија на Турција ја потврди победата на гласот “да”.
Пратеникот Утку Чакирозер за АП изјави дека неговата Републиканска народна партија денеска ќе поднесе приговори на резултатите од локалните изборни комисии, пред да ги поднесе жалбите до Врховната изборна комисија
„Во моментов ова е сомнително гласање”, рече Чакирозер.