Преговарачите постигнаа договор за крај на војната помеѓу Израел и Хамас во Газа откако во 15-месечниот конфликт загинаа повеќе од 46.000 Палестинци и се засилија тензиите на Блиски Исток. Договорот ќе почне со шестнеделна фаза на примирје, која вклучува постепено повлекување на израелската војска од Појасот Газа и ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во замена за Палестинците во израелските затвори.
Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани објави дека примирјето ќе стапи на сила на 19 јануари.
Во првата фаза ќе бидат ослободени 33 израелски заложници, вклучувајќи ги сите жени, деца и мажи постари од 50 години.
Преговорите за спроведување на втората фаза ќе почнат до 16. ден од првата фаза и се очекува таа да вклучи ослободување на преостанатите заложници, трајно примирје и целосно повлекување на израелските сили од Газа.
Во третата фаза треба да се вратат сите преостанати мртви тела и да почне обновата на Газа, што ќе го надгледуваат Египет, Катар и Обединетите нации.
Договорот следува по неколкумесечните непостојани преговори со посредство на Египет и Катар и со поддршка од САД. Хамас кажа дека неговите преговарачи го одобриле договорот за примирје и за враќање на заложниците.
Газа е целосно во руини, најголемиот дел од населението е раселено, а точниот број мртви не е познат. Војната која почна со упадот на палестинските милитанти во Израел на 7 октомври 2023 го доведе Блиски Исток на раб на сеопшта војна, а Израел ја искористи ситуацијата за да ги ослабне Хамас и Хезболах, чии лидери се убиени.