Израел ќе забрани на странците да влезат во земјата 14 дена и ќе користи надзор за да го запре ширењето на новиот сој на ковид-19. Забраната се очекува да стапи на сила на полноќ, по целосното одобрение од владата. Израел досега потврди еден случај на потенцијално позаразниот сој омикрон, првпат откриен во Јужна Африка пред неколку дена. Оттогаш, многу земји го забранија патувањето во Јужна Африка и нејзините соседи.
Покрај забраната за влез за странци, при влез ќе има тридневен задолжителен карантин за сите вакцинирани израелски државјани и седумдневен карантин за оние кои не биле вакцинирани. Владата одобри и надзор на потврдените пациенти со коронавирус од израелската безбедносна агенција Шин Бет. Во изјавата, премиерот Нафтали Бенет рече дека ќе се користи технологија за следење телефони.
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека новиот сој е загрижувачки, а раните докази укажуваат на поголем ризик од повторна инфекција. Сепак, СЗО предупреди дека земјите не треба набрзина да наметнуваат ограничувања за патување, велејќи дека треба да заземат пристап „заснован на ризик и наука“.
Вчера, израелските власти ставија 50 африкански нации на таканаречената „црвена“ листа. Сите израелски државјани кои се враќаат од тие земји мора да бидат во карантин во хотелите одобрени од владата и да се тестираат за ковид. Во петокот беше воведена забрана за влез во Израел на странци од повеќето африкански земји.
Израел има потврдено над 1,3 милиони инфекции со ковид од почетокот на пандемијата, со над 8,100 смртни случаи, според американскиот универзитет Џонс Хопкинс.