Најжестоките ракетирања помеѓу Израел и Хамас во изминатите години создадоа драматични снимки на конфронтација на небото над регионот.
Повеќе од 2.000 ракети се испукани од Газа кон Израел откако почнаа борбите во понеделникот и израелската војска тврди дека пресретнала 90% од нив благодарение на својот софистициран противвоздушен одбранбен систем наречен „Железна купола“. Тој е специјално дизајниран за да штити од широк распон на закани со краток домет.
Системот влече корени од војната против Хезболах во 2006 година, кога илјадници ракети беа испукани кон Израел, предизвикувајќи големи штети, десетици мртви и масовна евакуација. Израел тогаш најави дека ќе развие нов штит за одбрана од проектили. Создадена од израелски технолошки компании со извесна помош од САД, „Железната купола“ беше ставена во функција во 2011 година.
Таа се смета за еден од најнапредните одбранбени системи на светот и користи радар за да препознава и уништува закани пред тие да предизвикаат штета. Оперативна е во сите временски услови и специјално е дизајнирана да помогне во борбите против проектили со краток домет, какви што сега се лансираат од Газа.
„Железната купола“ беше скапа да се развие, но нејзините производители велат дека е исплатлива поради технологијата која препознава кои проектили веројатно ќе паднат во населено место, а кои не. Таа лансира ракети пресретнувачи за да соборат сè што се смета за опасност.