ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА СÈ УШТЕ ИМ ДОЗВОЛУВА НА ЦИВИЛИТЕ ВО ГАЗА ДА БЕГААТ НА ЈУГ, СУДИРИ ИМА И НА ГРАНИЦАТА СО ЛИБАН

    ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА СÈ УШТЕ ИМ ДОЗВОЛУВА НА ЦИВИЛИТЕ ВО ГАЗА ДА БЕГААТ НА ЈУГ, СУДИРИ ИМА И НА ГРАНИЦАТА СО ЛИБАНПалестинското Министерство за здравство соопшти дека во последните 24 часа во Газа биле убиени 300 луѓе, главно деца и жени, а уште 800 се повредени. (Фото: АП)

    Израелската војска денеска соопшти дека ќе продолжи да им дозволува на жителите на Газа да се евакуираат на југ, а стотици илјади веќе се преселиле, бидејќи се подготвува за копнен напад врз Појасот Газа, кој е под контрола на Хамас. Израел вети дека ќе ја уништи милитантната група Хамас откако нејзините борци дивееја низ израелските погранични градови, пукаа во мажи, жени и деца и зедоа заложници, при што загинаа 1.300 луѓе, што е најлошиот напад врз цивили во историјата на земјата. Властите во Газа соопштија дека досега во израелските омбардирања се убиени над 2.300 луѓе, од кои четвртина се деца, а речиси 10.000 се ранети. Палестинското Министерство за здравство соопшти дека во последните 24 часа во Газа биле убиени 300 луѓе, главно деца и жени, а уште 800 се повредени.

    Спасувачите очајнички бараа преживеани од ноќните воздушни напади. Се смета дека еден милион луѓе ги напуштиле своите домови.

    Американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во регионот и се обидува да обезбеди ослободување на 126 заложници за кои Израел вели дека Хамас ги однел во Газа и да спречи ширење на војната. Блинкен рече дека денеска имал „многу продуктивен“ состанок со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во Ријад и дека подоцна ќе оди во Египет, чиј премин Рафа сега се смета за главна порта за помошта да стигне до Газа.

    Насилството во Газа ги предизвика и најсмртоносните судири на северната граница на Израел со Либан од 2006, што ги зголеми стравувањата од ширење на војната на друг фронт. Судирите на границата на Израел со Либан, кои досега беа ограничени, продолжија денеска кога борците на Хезболах лансираа проектил врз израелско погранично село, при што загина едно лице, а беа ранети уште три, по што израелската војска ја затвори за движење зоната на 4 километри од границата. Израелската војска соопшти дека го нападнала Либан како одмазда.

    Регионалниот непријател на Израел, Иран, кој го поддржува Хамас, го пофали нападот на Хамас врз Израел, но негираше каква било вмешаност. Иранската мисија на ОН доцна синоќа соопшти дека ако израелските „воени злосторства и геноцид“ не бидат веднаш запрени, „ситуацијата би можела да излезе од контрола“ и да има далекусежни последици. Хамас во соопштението рече дека со Иран „се договориле да ја продолжат соработката“ за да се постигнат целите на групата.

    Советникот за национална безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера ја предупреди либанската милитантна група Хезболах, исто така поддржана од Иран, да не презема активности што би можеле да доведат до „уништување“ на Либан. Сирија, која исто така граничи со Израел и има врски со Иран, го обвини Израел дека изведува напади врз неговите аеродроми, додека Израел го обвини Иран дека се обидува да прошверцува оружје низ Сирија.

    Во услови на дипломатски напори за ограничување на војната, условите во Газа – каде што водата, струјата и медицинските резерви се прекинати – продолжија да се влошуваат. Единствениот пат за излез од Газа кој не е под израелска контрола е контролниот пункт со Египет кај Рафа. Египет официјално соопшти дека неговата страна е отворена, но сообраќајот е запрен со денови поради израелските напади. Египетските безбедносни извори соопштија дека египетската страна се засилува и дека Каиро нема намера да прифати масовен прилив на бегалци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира