Израелскиот министер за одбрана поднесе оставка поради несогласување со одлуката на владата да прифати прекин на огнот по дводневните жестоки борби со палестинските милитанти.
Авигдор Либерман, кој е лидер на партијата Јизраел беитеину, го осуди потегот на владата како „попуштање на теророт“, исто така критикувајќи ги обидите да се постигне долготрајно примирје со Хамас.
Осум луѓе загинаа во изминатите две дена во најжестоките судири во Газа во последните четири години. Милитантите испукаа 460 ракети кон Израел, додека израелски сили возвратија со бомбардирање на 160 цели во Газа.
Хамас и други милитантни групи од Палестина објавија дека го прифаќаат прекинот на огнот, во што посредува Египет, доколку и Израел се согласи. И додека премиерот Нетанјаху ја брани одлуката за примирје, Либерман не ја даде својата поддршка и поднесе оставка.
Новите насилства почнаа по тајната операција на израелските специјалци во појасот Газа во неделата, при што загинаа седуммина палестински милитанти и еден израелски војник.