Израелците излегоа на улиците на голем ден на протести барајќи итно ослободување на заложниците и крај на војната во Газа. Демострации и блокади на патишта се одржаа низ целата земја. Главниот автопат во близина на Тел Авив беше блокиран, додека демонстрантите палеа гуми на пат северно од крајбрежниот град.
Форумот за заложници и исчезнати семејства повика на разни протестни акции под слоганот „Израел стои заедно“. Голем митинг вечертва е закажан на плоштадот на заложниците во центарот на Тел Авив.
Демострантите го обвинуваат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ја продолжува војната од политички причини. Неговите крајно десничарски коалициски партнери, од кои зависи неговиот политички опстанок, се противат на прекинот на огнот.
Пред нешто повеќе од една недела, стотици илјади Израелци ја изразија својата солидарност со заложниците за време на масовен протест.
Заедно со барањето израелскиот премиер да обезбеди договор со Хамас за враќање на преостанатите заложници дома, демонстрантите повторно го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да помогне во финализирањето на прекинот на огнот.
Во своите најнови коментари за конфликтот, Трамп вчера рече дека му нагласил на Бенјамин Нетанјаху оти „подобро е да го решите наскоро“.
„Мислам дека во следните две или три недели ќе добиете прилично добар, убедлив крај“, им рече тој на новинарите во Овалната соба. Но, додаде дека е „тешко да се каже“ со сигурност. Тој рече дека нападот на Хамас врз Израел од 7 октомври 2023 бил „најлош што може да биде“. „Но, многу луѓе умираат и сакам да се реши“, рече тој, додавајќи дека е „ужасна, ужасна ситуација“ во Газа.
Вкупно 50 заложници сè уште се заробени во Појасот Газа, од кои се верува дека 20 се живи. Исламистичката терористичка организација Хамас пред нешто повеќе од една недела објави дека се согласила со нов предлог за прекин на огнот поднесен од Египет и Катар, кои посредуваат во конфликтот. Според медиумските извештаи, ова е ревидирана верзија на претходно договорениот предлог од американскиот специјален претставник Стив Виткоф. Планот вклучува 60-дневен прекин на огнот, во кој првично би биле ослободени 10 живи заложници во замена за палестински затвореници.