Ова ќе биде слободна земја, ја ослободивме Србија од тиранија, изјави водечкиот кандидат на „Студентска листа-Студентите победуваат“, Илија Срдановиќ, по победата на вонредните парламентарни избори, кои го симнаа Александар Вучиќ од власт по 14 години.
Радост и олеснување настапија на улиците на српските градови откако Вучиќ го призна поразот уште по објавувањето на резултатите од излезните анкети, потврдувајќи ја големата разлика во бројот на освоени гласови.
„Јасно е дека ги изгубивме овие избори, Студентската листа победи“, кажа Вучиќ.
Според последните официјални резултати, по речиси 92% преброени гласови, Студентската листа има освоено 51,71% или 1.991.553 гласови, додека за листата „Обединета Србија“ предводена од Вучиќ гласаа 39,85%, односно 1.534.792 избирачи. На третото место е долгогодишниот сојузник на Вучиќ, Ивица Дачиќ, со само 2,24% гласови, кој со тоа не го помина изборниот праг за влез во парламентот. Излезноста ја потпомогна победата на студентите откако беше рекордно високи 69,3%.
Се очекува Студентската листа да има 140 пратници, а блокот на Вучиќ 103. Во парламентот влегуваат само уште четири листа на малцинствата.
„Вечерва славиме, од утре ја градиме иднината. Ниедна пречка не беше поголема од нашата волја. Ниедна сила не може засекогаш да го надвладее народот што одлучил да ја земе својата судбина во свои раце“, изјави Радомир Сајчиќ, професор на Универзитетот во Белград, кој се обрати во седиштето на Студентската листа.
Европски лидери и функционери ѝ честитаа на Студентската листа за победата, меѓу кои и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Подготвени сме да работиме заедно за да ја унапредиме иднината на Србија во Европската Унија“, напиша Фон дер Лајен на Икс.
Студентската листа, која нема очигледни лидери и чии членови немаат искуство во политиката, привлече гласачи против власта ширум Србија. Нивната листа од 250 кандидати вклучува универзитетски професори, спортисти, актери и земјоделци, а ја предводи кардиологот Илија Срдановиќ. Сепак, не е јасно кој ќе биде премиер и кој ќе ја спроведе домашната агенда на студентите, чија цел е искоренување на корупцијата и подобрување на образованието. Политичките аналитичари предвидуваат некаков вид чистка на сојузниците на Вучиќ во полицијата, безбедносните служби и министерствата. Но, студентите се помалку гласни во однос на своите меѓународни амбиции.
„Најголемата неизвесност е кој ќе ја предводи владата, кои ќе бидат клучните министри и како ќе работат за да ги исполнат ветувањата што ги дадоа за борба против корупцијата, за повторно воспоставување на владеењето на правото, но и за враќање на позицијата на Србија во надворешната политика“, изјави Радивоје Грујиќ, изборен консултант со седиште во Варшава.



