Германската канцеларка Ангела Меркел ја опиша ситуацијата со поплавите во Западна Германија како надреална и вети владина помош во справувањето со последиците.
„Не постојат зборови во германскиот јазик со кој може да се опише оваа катастрофа“, рече Меркел при денешната посета на областа Шулд.
Канцеларката рече дека нема да биде лесно, но вети поголеми напори во справувањето со последиците од климатските промени.
„Видовме со што може да се бори природата. Ќе ѝ застанеме на патот, и на краток и на долг рок. Потребни се политики кои ги земаат предвид природата и климата повеќе отколку што направивме изминативе години“, рече таа.
Во поплавите во Германија загинаа над 150 лица.
Жителите на најпогодените региони во Германија и Белгија почнаа да ги расчистуваат домовите и населбите бидејќи водата полека почна да се повлекува.
Поројни дождови вчера ја зафатија и Австрија, каде делови беа поплавени. Екипите за итни случаи спасуваат луѓе од домови во австрискиот регион Салцбург, каде надојдените води ги поплавија улиците. Од Противпожарната единица соопштија дека во главниот град Виена во саботата навечер се регистрирани повеќе врнежи од дожд за еден час отколку во претходните седум недели заедно.