Јапонија побара од Кина да престане да зема анални брисови за тестирање на коронавирус од нејзини државјани кога влегуваат во земјата. Таа реагираше откако некои од нив се пожалиле дека „оваа процедура им предизвикува психолошка вознемиреност“.
Кина, која во најголема мера успеа да го стави вирусот под контрола, почна да зема анални брисови во јануари.
„Неколкумина Јапонци пријавиле во нашата амбасада во Кина дека им бил направен анален тест, што им нанесло голема психолошка болка“, изјави секретарот на шефот на кабинетот Кацунобу Като, додавајќи дека не знае на колку јапонски државјани им бил направен ваков тест.
Кина досега не одговорила на барањето на Јапонија, чија влада реагирала преку амбасадата во Пекинг.
„Вакви тестови им се прават на некои кои се во карантин или влегуваат во земјата. Употребата на ваков тест не е потврдена на друго место во светот“, кажа Като.
Некои кинески градови воведоа анални тестови по тврдењата на локални експерти дека тие ја зголемуваат стапката на откривање на заразени луѓе. При тестирањето, памучно стапче се става три до пет сантиметри во анусот за да се земе брис.