ЈАПОНИЈА УСПЕШНО ТЕСТИРАШЕ ПОВТОРНО УПОТРЕБЛИВA РАКЕТA ЗА ДА МУ КОНКУРИРА НА „СПЕЈСЕКС“

    ЈАПОНИЈА УСПЕШНО ТЕСТИРАШЕ ПОВТОРНО УПОТРЕБЛИВA РАКЕТA ЗА ДА МУ КОНКУРИРА НА „СПЕЈСЕКС“Јапонија се обидува да ја достигне технологијата што Илон Маск и неговата компанија ја користат веќе неколку години за поевтин транспорт на товари во вселената. (Фото: Кјодо ТВ/принтскрин)

    Експерименталната повторно употреблива ракета на Јапонија полета и безбедно слета при својот прв тест-лет, во обид на земјата да ја усвои клучната технологија за намалување на трошоците за лансирање и да стане поконкурентна на глобалниот вселенски пазар со кој доминира компанијата „СпејсЕкс“.

    Ракетата со ознака РВ-Икс полета, лебдеше во воздухот и се движеше хоризонтално пред да се спушти на земјата за време на летот кој траеше помалку од една минута. Тестирањето се изведе во центарот на Јапонската агенција за аерокосмичко истражување (ЈАКСА) во Ноширо, во североисточниот дел на Јапонија, а настанот беше пренесуван во живо од група љубители на вселената.

    Проектниот менаџер во ЈАКСА, Такаши Ито, на онлајн брифинг соопшти дека летот се одвивал според предвиденото. Ракетата се подигнала 11 метри во висина и се поместила 16 метри хоризонтално, задржувајќи ја исправената положба пред слетувањето.

    Јапонија се обидува да ја достигне технологијата што Илон Маск и неговата компанија ја користат веќе неколку години за поевтин транспорт на товари во вселената. Овој успешен обид е чекор напред кон развојот на поекономичен наследник на моменталната примарна јапонска ракета од серијата Х3, која е наменета за еднократна употреба. Иако ракетата Х3 е дизајнирана да биде поисплатлива од претходната серија Х-2А, за целосна конкурентност на глобално ниво сепак се потребни дополнителни кратења на трошоците.

    Јапонскиот тест-лет се случи само еден ден откако државните медиуми во Кина објавија дека и оваа земја го остварила своето прво успешно враќање на првиот степен од ракета по нејзиното полетување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира