ЈУЖНА КОРЕЈА МУ ОБЈАВИ ВОЈНА НА КОРОНАВИРУСОТ, ВО КИНА ПАЃА БРОЈКАТА НА НОВОЗАРАЗЕНИ

    ЈУЖНА КОРЕЈА МУ ОБЈАВИ ВОЈНА НА КОРОНАВИРУСОТ, ВО КИНА ПАЃА БРОЈКАТА НА НОВОЗАРАЗЕНИВо Јужна Кореја сега има речиси 5.000 заразени (Фото: АП)

    Иран прави залихи на медицински материјали, Италија враќа во служба пензионирани лекари, а Јужна Кореја планира да вложи милиони долари во напорите за справување со коронавирусот, кој се прошири низ цел свет.

    Наспроти забрзаното ширење на заразата во овие три земји, во Кина се враќа оптимизмот и илјадници заздравени пациенти се пуштаат дома. На глобално ниво има 90.036 заразени, иако речиси 48.000 веќе заздравиле, а вкупната бројка починати изнесува 3.117.

    Во САД се дезинфицираат училишта и подземна железница, откако од КОВИД-19 починаа шест лица, сите во сојузната држава Вашингтон. Вирусот се појавил во 11 сојузни држави и веќе има над 100 заразени.

    Во Јужна Кореја се пријавени нови 477 заразени, главно во градот Даегу, со што вкупната бројка порасна на повеќе од 4.800. Претседателот Мун Џае-ин изјави дека неговата влада ќе помогне клиники и други мерки против коронавирусот со 25 милиони долари.

    „Кризата во Даегу го достигна својот врв. Целата земја влезе во војна со оваа смртоносна зараза“, изјави Мун.

    Бројката новозаразени во Кина е во пад втор ден по ред. Во последните 24 часа се пријавени само 125 нови случаи, откако ден претходно имало 202.

    Во Европа, Италија останува најпогодена земја со 2.036 заразени и властите велат дека ќе бидат потребни две недели за да се види дали преземените мерки, вклучувајќи карантин во 11 градови, имале ефект.

    На коронавирусот се тестираше и папата Фрањо и резултатот бил негативен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира