Филмскиот фестивал во Кан му забрани на францускиот актер Тео Наваро-Муси да присуствува на премиерата на филмот „Случај 137“ кој е во конкуренција за Златната палма, зашто е обвинет за силување. Ова е прв таков гест фестивалот во ерата #MeToo. Директорот на фестивалот Тиери Фремо потврди за францускиот магазин „Телерама“ дека Наваро-Муси нема да смее да присуствува на вечерашната премиера на црвениот тепих на „Случај 137“ во Кан. Тој има споредна улога во филмот.
„Телерама“ објави дека Наваро-Муси бил обвинет за силување од три поранешни партнерки во 2018, 2019 и 2020 година. Случајот беше отфрлен минатиот месец поради недостиг на докази, но „Телерама“ објави дека трите жени планираат да поднесат жалба.
„Случајот не е суспендиран затоа што има жалба, и затоа истрагата е сè уште активна“, изјави Фремо за францускиот магазин. „Кога правната одлука ќе стане конечна, ситуацијата се менува“.
Адвокатот на Наваро-Муси, Марион Пузе-Гаљарди, изјави за „Телерама“: „Не добив информации што укажуваат на тоа дека некоја постапка е во тек. Оваа предложена жалба со статус на граѓанска парница, според моите сознанија, не е законски поднесена“.
Одлуката означува промена на Канскиот филмски фестивал, кој понекогаш беше критикуван што дозволува присутво на мажи обвинети за сексуално недолично однесување. Но, некои велат сега дека фестивалот се развива бидејќи движењето #MeToo со задоцнување навлегува во француската филмска индустрија.
Годинешниот Кан беше отворен неколку часа откако францускиот актер Жерар Депардје беше прогласен за виновен за сексуален напад и му беше изречена условна затворска казна од 18 месеци. На прашањето за пресудата за Депардје, Жилиет Бинош, претседателката на жирито во Кан, рече дека „фестивалот го следи овој тренд во општествениот и политичкиот живот“.
„Фестивалот е во чекор со она што се случува денес“, рече Бинош. На #MeToo му требаше малку време за да се засили. Неодамна реагиравме многу силно“.