Сепаратистичките партии ќе го зголемат своето мнозинство во парламентот на полуавтономниот регион Каталонија по вчерашните избори. Трите партии ќе освојат 74 од 135-те пратенички места, откако досега имаа 70. Тоа ќе им овозможи да ја имаат власта во регионот, и покрај несогласувањата по некои клучни прашања.
Истовремено, и унионистичката Социјалистичка партија освои голем дел од гласовите.
Републиканската левица на Каталонија ќе има 33 места во парламентот, со што нејзиниот претседател Пере Арагонес ќе биде фаворит да стане нов лидер на регионот.
„Сакам да им испратам порака на европските власти, седнете и разговарајте. Резултатите се јасни. Ние, партиите за независност имаме мнозинство и освоивме повеќе од 50% гласови. Каталонскиот народ го кажа своето, време е да се преговара за референдум за самоопределување“, кажа Арагонес.
Во 2019, врховниот суд на Шпанија осуди деветмина каталонски лидери на затворски казни од девет до 13 години поради одржувањето на незаконскиот референдум за независност во 2017.