Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вели дека од ЕУ ќе добијат средства оние од Западен Балкан кои имаат волја за реформи. Зборувајќи пред почетокот на самитот на Берлинскиот процес во Тирана, Фон дер Лајен рече дека ЕУ сака да им овозможи пристап на земјите од Западен Балкан на заедничкиот пазар, но за тоа се потребни реформи.
„За оние кои сакаат да одат напред и да ја подобрат економијата, нашите врати се отворени. Една од главните теми ќе биде економијата на Западен Балкан. Затоа го воведов планот за раст. Сакаме да им овозможиме пристап до заедничкиот европски пазар. За ова ни требаат реформи во Западен Балкан и оние кои имаат волја за реформи ќе добијат средства од Европската Унија. Тоа е стимул за оние кои навистина сакаат да одат напред. Нашите врати се отворени“, рече претседателката на Европската комисија.
На самитот во Тирана е и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој кажа дека очекува конструктивна дискусија за зголемување на регионалната соработка, како и за зголемување на инвестициите за поврзување на регионот.
Освен Фон дер Лајен, на самитот ќе присуствуваат и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.