Владимир Путин испрати едно од најстрашните предупредувања досега, тврдејќи дека руската воена кампања во Украина е на својот почеток и го предизвика западот да ја победи Русија на бојното поле ако може.
Зборувајќи на состанокот со парламентарните лидери, Путин кажа дека изгледите за какви било преговори се намалуваат како што војната се одолговлекува.
„Сите би требало да знаат дека сè уште не сме почнале ништо сериозно. Во исто време, не отфрламе мировни разговори. Но, оние што ќе ги одбијат би требало да знаат дека колку подолго трае ова, потешко ќе им биде да преговараат“, кажа Путин.
Тој ги обвини западните сојузници на Украина дека ги подгреваат непријателствата.
„Западот сака да се бориме до последниот Украинец и слободно нека проба, но тоа ќе биде трагедија за Украина. Слушаме дека сакаат да нè победат на бојно поле. Пробајте! Ова е трагедија за украинскиот народ и се чини дека сè се движи кон тоа“, рече Путин.