Неколку луѓе се хоспитализирани во Австрија откако земале фалсификувана верзија на лекот за дијабетес „оземпик“ за да ослабат, соопштија властите, откако Европската агенција за лекови минатата недела предупреди за ширење на лажни пенкала „оземпик“ низ Европа. Австриската федерална канцеларија за криминал соопшти дека ако не биле итно лекувани, лицата кои земале фалсификуван лек можеле да починат.
„Шприцовите можат легално да ги добијат само лекари преку аптеки или лекари кои имаат домашна аптека. Во овој случај, шприцевите најверојатно се добиени по друг пат“, се вели во соопштението на агенцијата за криминал.
Криминалните организации ги искористуваат тесните грла за испорака на „оземпик“, лек за дијабетес кој станува сè попопуларен за слабеење. Тие продаваат фалсификувани производи кои содржат инсулин наместо семаглутид, активната состојка на „оземпик“, предупреди австриската федерална здравствена канцеларија. Залихите од засегнатата серија можеби уште се во оптек или други лекари ги добиле преку оваа рута, предупредија властите, советувајќи ги луѓето да ги фрлаат потенцијалните фалсификати „од сомнителни извори“ за да избегнат загрозување на нивното здравје.
Белгија во меѓувреме објави привремена забрана на употребата на лекот за слабеење за неколку недели или месеци за да ги заштити резервите за пациентите со дијабетес.
„Неопходно е да се заштити овој скапоцен лек за луѓето на кои им е апсолутно потребен. Без овој лек, овие пациенти се изложени на вистински здравствени ризици“, изјави министерот за здравство Франк Ванденброк и кажа дека денеска ќе се состане работната група за да разговара за можните промени во белгиското законодавство за резервирање на лекот за лекување на пациенти со дијабетес тип 2.
- ВНИМАТЕЛНО СО ЛЕКОТ „ОЗЕМПИК“ СО КОЈ СЛАБЕАТ ХОЛИВУДСКИТЕ ЅВЕЗДИ, ВО МАКЕДОНИЈА Е ДОЗВОЛЕН САМО ЗА ПАЦИЕНТИ СО ДИЈАБЕТЕС 2, А ИМА И ФАЛСИФИКАТИ, ВЕЛИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ
Во јули и македонската Агенција за лекови и медицински средства МАЛМЕД предупреди дека во земјава се злоупотребува лекот за дијабетес „оземпик“, кој е регистриран во Македонија и е индициран за третман на возрасни со недоволно контролиран дијабетес мелитус тип 2 како надополнување на исхраната и физичката активност.
„Агенцијата за лекови апелира дека лекот ‘оземпик’ е регистриран исклучиво за третман на возрасни пациенти со дијабет тип 2, кој се издава само на лекарски рецепт. Примената на лекот за слабеење е надвор од одобреното индикационо подрачје, таканаречена ‘off-label’ употреба за која лично е одговорен лекарот кој го пропишува и за истото треба да го извести МАЛМЕД“, соопшти Агенцијата.
До Агенција за лекови и медицински средства е пристигната и пријава од носителот на одобрение за ставање на лекот во промет за фалсификуван лек на територијата на нашата држава. Агенција укажува на можноста за појава на фалсификат на пазарот и потребата од поголема претпазливост при набавката на лекот.
„Фармацевтските инспектори согласно дадените информации во пријавата спроведува вонреден инспекциски надзор во аптеките. Сакаме да потенцираме и да укажеме на важноста за купување на лекови од овластени, соодветни извори за набавка (овластени правни лица кои имаат одобрение за промет на мало со лекови издадено од Агенција за лекови и медицински средства), а се со цел користење на лекови со потврден квалитет и безбедност кои се одобрени со Закон“, велат од МАЛМЕД.