КЕЈТ БЛАНШЕТ НА ЧЕЛО НА ЖИРИТО НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    КЕЈТ БЛАНШЕТ НА ЧЕЛО НА ЖИРИТО НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛДвојната оскаровка Кејт Бланшет ќе претседава со жирито на Канскиот фестивал (Фото: АП)

    Австралиската актерка Кејт Бланшет годинава ќе претседава со жирито на филмскиот фестивал во Кан, соопшти фестивалот. Директорите на Канскиот фестивал Пјер Лекур и Тјери Фремо во изјава го изразија нивното задоволство жирито да го води „толку редок и уникатен уметник, чиј талент и убедувања ја збогатуваат и филмската и театарската сцена“.

    Бланшет, која е двојна оскаровка, следува по шпанскиот режисер Педро Алмодовар, кој лани претседаваше со жирито  на 70 издание на фестивалот. Годинава гламурозниот настан на француската ривиера ќе се оддржи од 8 до 19 Мај.

    Назначувањето на 48-годишната Бланшет доаѓа еден месец откако таа ги поддржа дузината жени кои излегоа со обвинувања за сексуални напади и вознемирувања против холивудскиот магнат Харви Вајнстин.
    Неодамна таа се приклучи на иницијативата „Време е“ заедно со другите познати актерки, меѓу кои Рис Витерспун и Ема Стоун. Движењето се бори против сексуално вознемирување и против нееднаквоста на работното место.

    Кан не го спомна скандалот со Вајнстин, ниту пак посветеноста на Бланшет во борбата против сексуално вознемирување.

    „Во Кан бев во многу улоги во текот на годините, како актерка, продуцентка, на маркетот, во гала сферата и во конкуренција. Но никогаш само за вистинско задоволство да ги  гледам филмовите на кои овој велик фестивал им е дом. Почестена сум од привилегијата да претседавам со жирито оваа година“, рече Бланшет.

    Бланшет во 2014 доби Оскар за најдобра актерка за филмот на Вуди Ален „Тажната Јасмин“, десет години откако освои Оскар за споредна женска улога во „Авијатичарот“ на Мартин Скорсезе.

    Во 2012 беше одликувана од владата на Франција и доби витешки орден на уметноста од францускиот министер за култура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира