Ова беше 5-ти пуч во Турција во последниве 60 години, но ниеден не се споредува со она што се случи ноќта на 15 јули. Никој не очекуваше воен удар, и иако се зборува дека средното ниво на воената команда не е задоволна со нелибералните политики на Ердоган, пуч изгледаше како доста неверојатна опција.
Ова е затоа што ограничувањето на военото присуство во политиката беше една од главните завети на владејачката Партија на правдата и развојот (АК партија), уште од вториот мандат на власт. Дури, власта започна голема и долготрајна кривична истрага против тнр. Ергенекон, која според обвинението е терористичка организација на секуларни националисти во таканаречената „длабока држава“ – во рамките на политичкиот систем.
Ердоган го обвини турскиот свештеник Фетулах Ѓулен, кој 15 години живее во САД, дека стои зад пучот, но Ѓулен негира и рече дека е можно самиот Ердоган да го инсценирал воениот удар. 75-годишниот Ѓулен кој живее во Пенсилванија, е на чело на популарното движење Хизмет во кое членуваат и високи воени команданти и среднокласни бирократи. Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но тој одамна го обвинува дека сплеткари против него.
Една теорија за пучот е дека е настан инсцениран од Ердоган за да добие поголема моќ, но здравиот разум диктира дека настанот отиде предалеку за да биде инсценација.
Другата теорија, која ја поддржува курдското движење, е дека Кемалистите во армијата – секуларните следбеници на творецот на модерна Турција Мустафа Кемал Ататурк – ги измамиле Ѓуленистите да изведат пуч. Тие знаеле дека пучот ќе пропадне и дека тоа ќе доведе до долгоочекуваното чистење на Ѓуленистите во армијата.
Трета теорија доаѓа од полициски извор, кој вели дека владата на АК партијата планирала да ги уапси следбениците на Ѓулен на 16 јули. Според изворот, кога пучистите дознале за ова, го почнале воениот удар порано од планираното и затоа бил несмасно изведен.
Но, теоријата дека Ѓуленистите се зад пучот има неколку отворени прашања.
Прво, користењето насислство – а камо ли пуч – не е типичен начин на работа на движењето на Ѓулен. Тоа повеќе се потпира на методи како прислушување, фабрикување докази и кампањи за оцрнување.
Второ, изјавата на хунтата, која што присилно беше прочитана на државната ТВ додека се изведуваше пучот, беше многу слична на славниот говор на Ататурк пред Младотурците. Пучистите се нарекуваа „Совет за мир дома“, што е изведено од славната изјава на Ататурк „Мир дома, мир во светот“. Но од друга страна, со оглед дека овие референци се премногу очигледни, можно е намерно да биле вметнати за да инсинуираат дека станува збор за Кемалистичка, а не за Ѓуленистичка хунта.
Владата на АК партијата тврди дека воениот обвинител е зад обидот за пуч, заедно со 46 офицери чиишто имиња протекоа во медиумите во текот на ноќта. Засега ништо не е сигурно, освен тоа дека воен удар е нешто што најмалку ѝ треба на Турција додека се бори со прелевањето на војната во Сирија, заканата од Исламска држава и востанието на Курдите.