ЌЕРКАТА НА „МОЗОКОТ НА ПУТИН“ АЛЕКСАНДАР ДУГИН ЗАГИНА ВО ЕКСПЛОЗИЈА НА БОМБА ВО НЕЈЗИНАТА КОЛА ВО МОСКВА

    ЌЕРКАТА НА „МОЗОКОТ НА ПУТИН“ АЛЕКСАНДАР ДУГИН ЗАГИНА ВО ЕКСПЛОЗИЈА НА БОМБА ВО  НЕЈЗИНАТА КОЛА ВО МОСКВАСе смета дека рускиот филозоф Александар Дугин, познат како „мозокот на Путин“, можеби бил целта на нападот. (Фото: Твитер)

    Ќерката на Александар Дугин, блискиот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, загина во близина на Москва. Според државните медиуми, Дарја Дугина загинала откако нејзиниот автомобил експлодирал во пламен додека возела кон дома. Се смета дека нејзиниот татко, рускиот филозоф Александар Дугин, познат како „мозокот на Путин“, можеби бил целта на нападот. Дугин е истакнат ултранационалистички идеолог за кого се верува дека е близок со рускиот претседател.

    Според рускиот медиум 112, тој и ќерка му синоќа требало да се вратат од настан  со истиот автомобил, но Дугин во последен момент решил да патува сам. На непроверената снимка објавена на Телеграм се гледа Дугин како шокиран гледа додека службите за итни случаи пристигнуваат на местото на остатоците од запаленото возило.

    Полицијата потврди за новинската агенција ТАСС дека жена-возач загинала кога џип експлодирал во селото Болшије Вјаземи, но не даде дополнителни детали. Засега нема официјален коментар од руските власти.

    Полицијата рече дека експлозивна направа, која била поставена под автомобилот на страната на возачот, се активирала пред да се запали возилото. Увид вршат форензичари и експлозивни експерти.

    Украински функционер ги отфрли обвинувањата за украинска вмешаност во инцидентот.

    „Нагласувам дека Украина, се разбира, нема никаква врска со ова, бидејќи ние не сме криминална држава, каква што е Руската Федерација, а уште помалку терористичка држава“, рече Михаило Подољак, советник на претседателот Володимир Зеленски.

    Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, во објава на Телеграм рече дека ако се најде некаква украинска врска, тоа би претставувало „државен тероризам“.

    И покрај тоа што нема официјална функција во владата, таткото на Дугина е близок соработник на рускиот претседател и дури е означен како „Распуќин на Путин“. Дарја Дугина и самата беше истакната новинарка која гласно ја поддржуваше инвазијата на Украина. Претходно оваа година таа беше санкционирана од властите на САД и Велика Британија, кои ја обвинија 30-годишната девојка дека придонесува за онлајн дезинформации во врска со руската инвазија. Во мај, таа во интервју ја опиша војната како „судир на цивилизациите“ и изрази гордост поради фактот што и таа и татко ѝ биле санкционирани од Западот.

    Александар Дугин беше санкциониран од САД во 2015 поради неговата наводна вмешаност во руската анексија на Крим. Неговите дела се заслужни за длабокото влијание врз светогледот на Владимир Путин и тој се смета за главен интелектуален архитект на ултранационалистичката идеологија до која се придржуваат многумина во Кремљ. Со години, Дугин ја повикува Москва да се наметне поагресивно на глобалната сцена и ја поддржува руската воена акција во Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира