Украина ќе прослави 31 година од независноста од советската власт в среда на 24 август, датум кој исто така одбележува точно шест месеци од руската инвазија. Масовните настани се забранети во Киев од денеска до четврток поради високиот ризик од руски ракетни напади, додека во североисточниот град Харкив продолжениот полициски час треба да стапи во сила од утревечер до четврток наутро. Звучните аларми што укажуваат на хемиски и нуклеарни опасности се исто така додадени на сирените за воздушни напади.
Во синоќешното редовно обраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече: „Окупаторите не можеа да замислат дека дури и сега, по шест месеци од таква брутална војна, ќе ја прославиме нашата независност на нашата земја и во нашиот главен град. Осумдесет дена – речиси шест месеци – апсолутното мнозинство од нашиот народ не се сомнева дека ќе ја постигнеме победата на Украина“.
Зеленски го повтори своето предупредување дека Русија можеби планира да направи нешто „одвратно“ за да го одбележи 31-от Ден на независноста на Украина в среда. Има извештаи, вели тој, дека украинските бранители заробени во градот Мариупол ќе бидат изведени на судење како „апсурдно шоу“. Ако ова продолжи, вели Зеленски, тоа ќе биде кршење на „сите договори“ и „сите меѓународни правила“ и какви било преговори со Русија ќе бидат невозможни.
„Нема да има повеќе разговори“, вели тој.
Во Киев викендот илјадници луѓе посетија изложба на уништени руски тенкови на главната улица близу плоштадот Мајдан.
Шест месеци по инвазијата на Русија, војната влезе во ќорсокак, при што ниту една страна не оствари значителни воени придобивки и нема изгледи за некаков дипломатски пробив.