КИМ ЏОНГ-УН УТРЕ СТАНУВА ПРВИОТ ЛИДЕР НА СЕВЕРНА КОРЕЈА КОЈ ВЛЕГОЛ ВО ЈУЖНА КОРЕЈА

    КИМ ЏОНГ-УН УТРЕ СТАНУВА ПРВИОТ ЛИДЕР НА СЕВЕРНА КОРЕЈА КОЈ ВЛЕГОЛ ВО ЈУЖНА КОРЕЈАДвајцата лидери ќе се сретнат на границата, а разговорите ќе ги водат во пограничното село Панмунџон (Фото: Гети)

    Ким Џонг-Ун утре ќе стане првиот севернокорејски лидер кој стапнал на територијата на Јужна Кореја од завршувањето на Корејската војна во 1953 година.

    Според новообјавените детали за историската средба, Ким лично ќе се сретне со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин на границата во 9.30 часот по локално време. Разговорите ќе се фокусираат на најновите најави на Пјонгјанг дека сака да се откаже од нуклеарни и ракетни проби.

    Сепак, Сеул предупредува дека ќе биде тешко да се постигне договор по ова прашање, бидејќи севернокорејската технологија многу напреднала од последните преговори.

    „Тешко е да се предвиди на кое ниво двајцата лидери ќе постигнат договор околу денуклеаризацијата“, изјави портпаролот на претседателот Мун, Им Џонг-Сеок.

    Оваа средба, прва од ваков вид од 2007 година, треба да подготви терен за најавената средба помеѓу Ким и Доналд Трамп и да доведе до постигнување на траен мир на полуостровот, за и официјално да се стави крај на Корејската војна.

    Според најавите, Ким ќе предводи десетчлена делегација на Северна Кореја, а официјалните разговори ќе се водат во Куќата на мирот во пограничното село Панмунџон. Првпат досега, во делегацијата ќе бидат и дипломати и највисоки претставници на војската.

    После ручекот, тие ќе засадат дрво, користејќи вода и ѓубриво од двете држави и тоа треба да симболизира мир и просперитет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира