Луксузен пловен објект долг 80 метри е забележан во повеќе наврати на сателитски снимки во близина на брегот на Вонсан во Северна Кореја, во периодот од јули до средината на октомври оваа година. Она што особено привлекува внимание е базенот долг 50 метри, сместен долж палубата, со низа водени тобогани на едниот крај. Откако со месеци стоел неактивен во објект за одржување, на почетокот на јули пловниот објект бил преместен во водите покрај крајбрежниот појас познат како полуостровот Калма.
Оваа локација е во близина на Вонсан, приморско одморалиште каде што се наоѓа простран комплекс од вили што го користат севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун и неговото семејство. Ова не бил единствениот голем пловен објект што се движел. Според сателитските снимки анализирани од „Би-Би-Си“, во близина на вилата на Ким биле забележани и неколку други пловни објекти.
Се верува дека овие пловни објекти ги користат Ким и неговото семејство. Поранешни севернокорејски функционери, пребегнати лица и експерти наведуваат дека би било тешко за кој било што нема врска со раководството на режимот да поседува или слободно да користи пловни објекти од вакви димензии.
„Во текот на зимата, тие ги чуваа во бродоградилиштето. Кога ќе дојдеше летото, ги изнесуваа и ги преместуваа кај вилата на Ким Џонг-Ун или кон Калма, каде што ги користеа за пливање и рекреација“, вели Ри Џонг Хо.
Ри своевремено бил функционер во „Канцеларијата 39“ на Работничката партија – тело за кое се верува дека е вклучено во прибирање и управување со девизни средства за потребите на раководството.
Богатството на оние што се на врвот на таинствената севернокорејска диктатура е исто толку тешко прецизно да се утврди, колку што е тешко да се дојде до точни економски податоци за самата земја.
Обединетите нации (ОН) и други меѓународни субјекти, врз основа на проценки, ја вбројуваат Северна Кореја меѓу најсиромашните земји во светот, при што таа издвојува исклучително голем воен буџет за финансирање на нуклеарна програма која е под меѓународни санкции. Според извештај на ОН од 2025 година, повеќето Севернокорејци живеат во услови на „систематски, распространети и тешки прекршувања на човековите права“, под целосна контрола на државата, со масовна принудна работа и хроничен недостиг на храна, поради што околу 40% од населението страда од недоволна исхранетост.
Сепак, одамна е познато дека припадниците на режимот живеат во луксуз. Не се знае цената на пловилата што се гледаат на сателитските снимки, но слични луксузни јахти чинат од десетици милиони па сè до над 100 милиони долари. За јахтата на Ким од моделот „Принцес“, која е многу помала и долга 29 метри, претходно се проценуваше дека вреди околу 7 милиони долари.
Иако самите локации на пловилата не можат дефинитивно да потврдат каде се наоѓа семејството, нивното движење – кое се совпаѓа со периодите кога Ким не се појавуваше во јавноста – укажува на активности што инаку би останале скриени од јавноста. Според биографите и разузнавачките извештаи, Вонсан е местото каде што Ким Џонг-Ун го поминал дел од своето детство со својата мајка. Еден експерт изјави за „Би-Би-Си“ дека овој град е поврзан со семејството уште од времето на владеењето на неговиот татко, Ким Џонг-Ил. Еден пребегнат Севернокореец, кој 13 години служел како чувар на резиденциите што ги користел тогашниот лидер Ким Џонг-Ил – во текот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите години – изјави дека вилите околу Вонсан служеле како одморалиште за елитата. Тој се сеќава дека во текот на летото гледал десетици деца и тинејџери како скијаат на вода.
Државните медиуми во Северна Кореја ретко објавуваат извештаи за тоа дека Ким е на одмор; наместо тоа, таквите посети ги претставуваат како официјални инспекции или давање насоки. Сепак, пребегнатите лица со кои разговараше „Би-Би-Си“ знаеле дека семејството летува во Вонсан, што сугерира дека барем дел од севернокорејското население било свесно за тоа. Државните медиуми во Северна Кореја исто така наведуваат дека во Вонсан има високи хотели, ресторани, продавници, спортски објекти и водени паркови, со капацитет за сместување на речиси 20.000 посетители.



