КИНА ОДБИЛА ДА МУ ПРЕДАДЕ КЛУЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА КОВИД-19 НА ТИМОТ НА СЗО

    КИНА ОДБИЛА ДА МУ ПРЕДАДЕ КЛУЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА КОВИД-19 НА ТИМОТ НА СЗОАвстралискиот микробиолог Доминик Дваер кажа дека добиле само кус извештај, место необработените податоци што ги побарале. (Фото: Еј-Би-Си)

    Кина одбила да му предаде клучни податоци на тимот на Светската здравствена организација (СЗО), кој го истражува потеклото на ковид-19. Микробиологот Доминик Дваер, еден од членовите на тимот, изјави дека тимот побарал необработени податоци за пациентите од првичните случаи, нешто што тој вели дека е стандардна пракса. Но, тој кажа дека добиле само кус извештај.

    Кина не одговори на ова обвинување, но претходно соопшти дека е целосно транспарентна со СЗО. САД побараа од Кина да ги стави на располагање податоците од најраната фаза на пандемијата, велејќи дека се длабоко загрижени за извештајот на СЗО. Минатата недела, тимот на СЗО заклучи дека е многу малку веројатно дека коронавирусот потекнува од лабораторија во градот Вухан, отфрлајќи ги таквите теории кои беа популарни минатата година. Вухан беше првото место во светот каде што беше детектиран коронавирусот на крајот од 2019 година. Оттогаш се регистрирани над 106 милиони случаи и 2,3 милиони смртни случаи ширум светот.

    Тимот побарал необработени податоци за 174 случаи на ковид-19 од Вухан во декември 2019 година, кажа Дваер. Само половина од првичните случаи биле изложени на пазарот за морска храна, каде што коронавирусот беше првично детектиран.

    „Затоа и бевме упорни да ги добиеме тие податоци. Зошто тоа не се случи, не можам да коментирам. Дали е политички, дали е поради изминатото време или е тешко, не знам. Исто не знам дали има други причини зошто не можеме да ги добиеме податоците. Не знам, само можам да шпекулирам“, вели Дваер.

    Тој кажа дека рестрикциите на податоците ќе бидат споменати во финалниот извештај на тимот на СЗО, кој се очекува да биде објавен уште следната недела. Тимот пристигна во Кина на почетокот на јануари и помина четири недели таму, од кои првите две недели во хотелски карантин.

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира