КИНЕСКАТА ПРОВИНЦИЈА ЖЕЏИЈАНГ ИМА ПО МИЛИОН ЗАРАЗЕНИ ОД КОВИД ДНЕВНО, ДО НОВА ГОДИНА ЌЕ БИДАТ ПО ДВА МИЛИОНА СЛУЧАИ

    КИНЕСКАТА ПРОВИНЦИЈА ЖЕЏИЈАНГ ИМА ПО МИЛИОН ЗАРАЗЕНИ ОД КОВИД ДНЕВНО, ДО НОВА ГОДИНА ЌЕ БИДАТ ПО ДВА МИЛИОНА СЛУЧАИБолниците се преполни по новиот бран ковид откако Кина ги олесни рестрикциите. (Фото: АП)

    Жеџијанг, кинеската голема индустриска провинција во близина на Шангај, се бори со околу милион нови дневни инфекции со ковид-19, бројка што се очекува да се удвои во наредните денови, соопшти локалната влада. И покрај рекордниот пораст на случаи на национално ниво, во Кина нема пријавени смртни случаи од ковид за последниве пет дена, соопшти во неделата Кинескиот центар за контрола и превенција на болести.

    Граѓаните и експертите повикаа на попрецизни податоци, бидејќи инфекциите се зголемија откако Пекинг направи големи промени во политиката за нулта ковид која стави стотици милиони нејзини граѓани под немилосрдна изолација и ја погоди втората по големина економија во светот.

    Бројките на национално ниво од Кина се нецелосни, бидејќи Националната здравствена комисија престана да известува за асимптоматски инфекции, што го отежнува следењето на случаите. Денеска комисијата престана да известува за дневни бројки, кои потоа ги објавуваше Кинескиот центар за контрола и превенција на болести.

    Жеџијанг е меѓу ретките области со скокови во заразата, вклучително и асимптоматски случаи.

    „Пикот на инфекцијата се проценува дека ќе пристигне порано во Жеџијанг и ќе влезе во период на покачено ниво околу Нова година, при што дневниот број на нови зарази ќе биде до два милиона“, се вели во соопштението на владата во Жеџијанг.

    Жеџијанг, со население од 65,4 милиони, соопшти дека од 13.583 болни кои се лекуваат во болниците во покраината, еден пациент имал тешки симптоми предизвикани од ковид, додека 242 случаи на тешки и критични состојби биле предизвикани од претхидните болести на пациентите.

    Кина ја стесни дефиницијата за пријавување смртни случаи од ковид, броејќи ги само оние од пневмонија предизвикана од коронавирус или респираторна инсуфициенција, што ги загрижи светските здравствени експерти. Светската здравствена организација (СЗО) нема добиено податоци од Кина за нови хоспитализации на болни од ковид откако Пекинг ги олесни ограничувањата. СЗО вели дека јазот во податоците може да се должи на тоа што властите се борат да ги пресметаат случаите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира