Володимир Зеленски, комичар кој никогаш претходно не бил на политичка функција, ќе биде нов претседател на Украина, откако убедливо го победи Петро Порошенко во вториот круг на изборите.
Според излезните анкети, 41-годишниот Зеленски освоил 73% од гласовите, откако доминираше и во првиот круг, кога во конкуренција беа 39 кандидати. Ако се потврдат овие резултати, тој ќе добие петгодишен мандат. Претседателската функција во Украина носи значителна моќ во областа на безбедноста, одбраната и надворешната политика.
Зеленски досега беше непознат за меѓународната јавност, но тој е еден од најпопуларните актери во Украина, особено благодарение на своето сатирично шоу на „Канал 1+1“, каде што глуми обичен граѓанин, кој преку борбата со корупција доаѓа до претседателската функција. Оваа телевизија е во сопственост на милијардерот Игор Коломојски, еден од главните противници на Порошенко.
„Никогаш нема да ве изневерам. Иако формално сè уште не сум претседател, сакам да им порачам на сите постсоветски држави: ‘Погледнете нè нас! Сè е можно‘“, кажа Зеленски.
Досегашниот претседател Порошенко го призна поразот пред своите приврзаници во Киев, но додаде дека нема да ја напушти политиката.