Копилотот на „Флајдубаи“ од Оман планирал да го преземе авионот што леташе од Дубаи до Тел Авив и да го урне во израелскиот аеродром „Бен Гурион“ на 30 септември во самоубиствен напад, но бил спречен од капетанот, соопшти јавниот обвинител на Обединетите Арапски Емирати. Изјавата на обвинителот Хамад Саиф ал-Шамси не укажува на каква било вина на „Флајдубаи“ и го содржи досега најдеталниот опис за она што се случило.
Според јавните обвинители на ОАЕ, планот бил инспириран од нападите врз САД на 11 септември 2001. Истрагата утврдила дека осомничениот претходно двапати летал до Тел Авив за да се запознае со рутата на летот и со аеродромот, објави државната новинска агенција „ВАМ“.
Авионот се наоѓал во саудискиот воздушен простор кога копилотот го нападнал капетанот со секира за итни случаи, која вообичаено се чува во пилотската кабина. Авионот притоа изгубил висина од 4.900 метри за 30 секунди, пред напаѓачот да биде совладан, по што двајца други пилоти во авионот безбедно го приземјиле во Саудиска Арабија. Осомничениот бил префрлен во ОАЕ, матичната земја на авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Истражителите ги разгледале процедурите за регрутирање на „Флајдубаи“ и утврдиле дека осомничениот ги исполнувал сите професионални и безбедносни барања.
„Ниту една од процедурите не открила какви било индиции за неговите екстремистички ставови или за неговата намера да спроведе терористички заговор“, кажа Ал-Шамси.
Тој изјави дека 29-годишникот работел за авиокомпании во различни земји, пред да се вработи во „Флајдубаи“ во јануари 2026. Истрагата покажала дека постоеле знаци оти тој почнал да се свртува кон екстремизам и тероризам уште во 2017 додека студирал во Австралија.
Ал-Шамси изјави дека осомничениот им кажал на истражителите оти се подготвувал психолошки и физички за нападот преку гледање материјали што промовираат тероризам и преку часови по бокс.



