Косово се согласи да ѝ изнајми 300 затворски ќелии на Данска, со цел да се олеснат тамошните преполни затвори. Данска за оваа услуга ќе плаќа 15 милиони евра годишно и ќе вложува во зелената енергија во земјата.
Предвидено е во изнајмените ќелии да се сместуваат првенствено осудени криминалци од земјите кои не се членки на ЕУ, кои ќе бидат депортирани од Данска по отслужувањето на казната.
Косово располага со 700-800 неискористени затворски ќелии и денеска потпиша политичка декларација со данската влада, која за почеток ќе важи пет години. Севкупно, Косово ќе добие 210 милиони евра во наредните десет години за изнајмување на затворот во Гњилане.
„Со овој договор ќе се ослободи простор во нашите затвори и ќе се намали притисокот врз нашите затворски чувари. Со ова, исто така, испраќаме порака до граѓаните на трети земји осудени на депортација дека не припаѓаат во Данска и дека тука нема да ја отслужуваат ни затворската казна“, изјави данскиот министер за правда Ник Хекеруп.
Од 2015, бројот на затвореници во Данска се зголемил од 3.400 на 4.200, додека бројот на затворските чувари се намалил за 500.