КОСОВО НЕ ДОАЃА НА ПРЕГОВОРИТЕ СО СРБИЈА ВО БЕЛАТА КУЌА НА 27 ЈУНИ, ОТКАКО ХАГ ГО ОБВИНИ ТАЧИ ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА

    КОСОВО НЕ ДОАЃА НА ПРЕГОВОРИТЕ СО СРБИЈА ВО БЕЛАТА КУЌА НА 27 ЈУНИ, ОТКАКО ХАГ ГО ОБВИНИ ТАЧИ ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВАКосовскиот премиер Хоти побара состанокот во Вашингтон да се одржи некој друг ден (Фото: Н1)

    Преговорите помеѓу Приштина и Белград во Белата куќа нема да се одржат на 27 јуни, откако своето доаѓање го откажа и косовскиот премиер Авдулах Хоти. Претходно, истото го направи и претседателот Хашим Тачи, откако вчера Специјалното обвинителство во Хаг против него покрена обвинение за воени злосторства.

    „Поради новонастанатата ситуација во Приштина и покренатото обвинение против Тачи, мора да се вратам во земјата. Го известив специјалниот претставник на Белата куќа Ричард Гренел дека нема да можам да дојдам на 27 јуни и предложив состанокот да се одложи за некој друг ден“, изјави Хоти.

    Специјалното обвинителство во Хаг вчера објави дека Тачи, бившиот претседател на Собранието на Косово Кадри Весели и уште седум лица се обвинети за убиство, мачење и тепање на повеќе од 100 луѓе.

    Хоти кажа дека дијалогот нема алтернатива и дека преговорите во Брисел ќе продолжат.

    „Откажувањето на состанокот во Вашингтон нема никакво влијание врз дијалогот во Брисел. Ние сме подготвени, а датумите лесно ќе ги договориме“, изјави портпаролот на Европската Унија, Петер Стано.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари