Италијанскиот премиер Марио Драги изрази уверување дека ковид пасошите на Европската Унија ќе го олеснат патувањето од средина на јуни, додавајќи дека неговата земја е подготвена да прими странски туристи.
„Време е да го резервирате вашиот одмор во Италија. Ние сме подготвени да ги обновиме меѓународните патувања“, кажа Драги по онлајн состанокот на министрите за туризам за време на самитот на Г20 во Рим.
Италија и останатите јужни членки на ЕУ, чии економии на големо зависат од туризмот, го притискаа Брисел да воведе ковид пасоши за да се нормализираат патувањата за време на летната сезона на одмори.
„Очекуваме дигиталните потврди за вакцинирање да станат целосно оперативни во втората половина на јуни“, кажа Драги.
Ковид пасошите треба да овозможат слободно патување во рамките на Унијата, така што ќе бидат доказ дека лицето е вакцинирано, има негативен ПЦР тест или го прележало ковид-19.
„Краткорочно гледано, наша задача е да ја вратиме довербата во безбедно патување“, изјави комесарот за туризам во германската влада Томас Барајс.