БУГАРСКИОТ ВИЦЕПРЕМИЕР КАРАКАЧАНОВ ЗЕМАЛ ОД 550 ДО 1.500 ЕВРА ОД МАКЕДОНЦИ КОИ АПЛИЦИРАЛЕ ЗА БУГАРСКИ ПАСОШ, ТВРДИ СВИРКАЧ

    БУГАРСКИОТ ВИЦЕПРЕМИЕР КАРАКАЧАНОВ ЗЕМАЛ ОД 550 ДО 1.500 ЕВРА ОД МАКЕДОНЦИ КОИ АПЛИЦИРАЛЕ ЗА БУГАРСКИ ПАСОШ, ТВРДИ СВИРКАЧВицепремиерот Каракачанов и министерката за надворешни работи Захариева се именувани како учесници во шемата за незаконско давање бугарски пасоши на странци. (Фото: БТА)

    Вицепремиер, министер и пратеник во парламентот се вмешани во шемата за незаконско продавање бугарски пасоши на странци, откри свиркач за сајтот „Еурактив“, доставувајќи документи кои наводно го потврдуваат ова.

    Претседателот на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, кој е вицепремиер и министер за одбрана, поранешната министерка за правда, а сега за надворешни работи Екатерина Захариева и пратеникот од партијата на Бојко Борисов, Андреј Ковачев, се највисоките државни функционери споменати дека за пари овозможиле на илјадници странци да добијат бугарско државјанство и со тоа без виза, слободно да патуваат низ Европска Унија.

    Ова го откри Катја Матева, поранешна директорка на Советот за државјанство, тело кое учествува во одлучувањето за доделување бугарски пасоши на странци. Матева вели дека добила отказ во 2016 година, откако одбила да учествува во оваа шема.

    Според Матева, Каракачанов земал меѓу 550 и 1.500 евра од секој Македонец кој аплицирал за бугарски пасош во оваа шема, а дневно имало меѓу 150 и 200 кандидати.

    Во скандалот е вмешана и Државната агенција за иселеници, која издавала лажни потврди за бугарско потекло, неопходни да се добијат државјанство и лични документи. Директорот на Агенцијата, Петар Харалампиев, кој бил именуван на предлог на заменик премиерот Каракачанов, е уапсен под обвинение дека е дел од организирана криминална група, исто како и генералниот секретар Красимир Томов, во чиј сеф се пронајдени 285.000 евра.

    Премиерот Борисов пред два дена најави дека Агенцијата ќе биде затворена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира