Индиските крематориуми и гробишта се пренатрупани како резултат на уништувачкиот нов бран на коронавирусот кој поминува низ земјата како бура, при што пациентите умираат поради недостиг на кревети и залихи на кислород или чекајќи на ред за лекар.
Четврти ден по ред, Индија постави нов светски рекорд во бројот на новозаразени – 349.691, а 2.767 лица починаа и главниот град Њу Делхи е една од најтешко погодените области. Премиерот Нарендра Мори ги повика луѓето да се вакцинираат, додавајќи дека бура на заразата ја потресе земјата. САД објавија дека ќе испратат помош.
Кризата што се случува во Индија е најзабележлива во крематориумите и на гробиштата. Во Њу Делхи има сѐ помалку слободни гробни места, додека крематориумите во централниот град Бопал петкратно го зголемија капацитетот на ден. Во еден од нив само вчера биле кремирани 110 тела.
„Вирусот го голта нашиот град како чудовиште. Палиме тела како што пристигнуваат. Како да сме среде војна“, изјави официјално лице од еден крематориум.
Лекарите и болниците признаваат дека не се во можност да се носат со напливот на пациенти, а најголем проблем е недостигот на залихи на кислород.
„Секој ден ситуацијата е иста. Имаме кислород за само два часа“, изјави еден лекар.
Ова следува само три месеци откако премиерот Мори прогласи победа на коронавирусот, за потоа да дозволи големи политички и верски собири низ земјата.