Куба остана целосно без дизел и мазут, објави министерот за енергетика Висенте де ла О Леви. Тој додаде дека се достапни ограничени количини на гас, но дека енергетскиот систем на Куба е во критична состојба бидејќи блокадата на увозот на нафта наметната од САД го намали снабдувањето.
САД оваа недела ја повторија својата понуда за испраќање 100 милиони долари помош за земјата во замена за „значајни реформи во кубанскиот комунистички систем“.
„Мазут и дизел апсолутно немаме. Единственото нешто што го имаме е гас од нашите бунари, каде што производството порасна“, рече Де ла О Леви.
Поради блокадата на САД, делови од главниот град Хавана се без струја во периоди од 20 до 22 часа.
„Ситуацијата во земјата е крајно напната“, призна министерот.
Болниците во земјата не се во можност да функционираат нормално, додека училиштата и владините канцеларии се принудени да затворат. Туризмот, економскиот мотор на Куба, исто така е погоден. Вашингтон ја засили блокадата во почетокот на мај, кога воведе нов бран санкции против високи кубански функционери, обвинувајќи ги за кршење на човекови права.
Доналд Трамп оваа недела изјави дека Куба бара помош и дека ќе разговараат, без да даде повеќе детали.
„Куба е пропадната земја и се движи само во еден правец – надолу! Куба бара помош и ние ќе разговараме“, рече тој.
Трамп се закани дека Куба е следна откако американската војска во јануари го зароби лидерот на долгогодишниот кубански сојузник Венецуела, Николас Мадуро.



