Ракетата без посада „Вулкан“ денеска беше лансира од Флорида за да испрати роботизирано вселенско летало кон Месечината. Леталото „Перегрин“ носи пет научни инструменти за американската вселенска агенција НАСА. Ако леталото успешно слета на површината на Месечината, тоа ќе биде првата американска мисија по 50 години, по познатите мисии „Аполо“ во 1960-тите/70-тите години.
„Вулкан“ го напушти Кејп Канаверал изутринава, а се очекува лендерот „Перегрин“ да се обиде да слета на 23 февруари.
Во иднина, ракетата „Вулкан“ ќе лансира многу американски мисии за национална безбедност. „Вулкан“ е ракета на приватната компанија „Јунајтед лаунч алајанс“, а „Перегрин“ на „Астроботик технолоџи“, кои се првите приватни компании кои влегоа во вселенска трка да испорачуваат за НАСА и други клиенти.
„Астроботик“, компанија од Питсбург, има за цел да биде првиот приватен бизнис кој успешно слетал на Месечината, нешто што го постигнаа само четири земји. Но, една компанија од Хјустон, исто така, има лендер подготвен за летање, и може да ја победи за слетување на површината на Месечината, земајќи подиректен пат.
НАСА им даде милиони на двете компании за да изградат и да летаат со свои летала на Месечината. Вселенската агенција сака слетувачите во приватна сопственост, додека испорачуваат технолошки и научни експерименти на НАСА како и други нешта за другите клиенти, да ја истражат површината на Месечината пред таму да пристигнат астронаутите. Договорот на „Астроботик“ за „Перегрин“ чини 108 милиони долари.
Последен пат САД лансираа мисија за слетување на Месечината во декември 1972 година. Џин Сернан и Харисон Шмит од „Аполо 17“ станаа 11-ти и 12-ти човек што оделе на Месечината, затворајќи ја ерата што остана врв на НАСА.