ЛАЖАТ ДЕКА САКАМ САМ ДА ГО КРЕНАМ ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈА, КАЖА ПЕТКОВ ПРЕД ВАРХЕЈИ

    ЛАЖАТ ДЕКА САКАМ САМ ДА ГО КРЕНАМ ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈА, КАЖА ПЕТКОВ ПРЕД ВАРХЕЈИПетков вели дека Софија има три барања за Скопје, меѓу нив вклучување на Бугарите во македонскиот устав. (Фото: СДК.МК)

    Бугарскиот премиер Кирил Петков кажа дека ги смета за лажни вести информациите дека сака сам да го крене ветото за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија, на денешната заедничка прес-конференција со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Софија. Петков вели дека Софија има три барања за Скопје.

    „Последните денови слушав невистинити тврдења, дека бугарската влада има две надворешни политики и што сè не. Сакам јасно да кажам дека Бугарија има три јасни барања за да имаме напредок на темата Северна Македонија. Прво, запазување на рамковната позиција која што беше усвоена во бугарскиот парламент. Второ, вклучување на Бугарите во Северна Македонија во уставот на Северна Македонија за да можат нивните права да бидат заштитени. Трето, да се исполнува Договорот за добрососедство. Тоа се нашите дискусии, претходно и сега, и работиме заедно да видиме дали е возможно ЕУ да биде гарант за овие три услови“, изјави Петков.

    Вархеји рече дека Европската комисија се надева да се стигне до решение до средбата на европските лидери на крајот на месецот.

    „Сè уште нема решение и тоа многу нè фрустрира. Не можеме да продолжиме напред со процесот на приклучување на Северна Македонија кон ЕУ без сите држави членки да го одобрат тоа. Сè уште очекувам поддршка од една држава, конкретно Бугарија, и работиме на тоа со сите овие разговори кои што ги имав тука, како и во Скопје“, изјави Вархеји.

    Петков ги отфрли тврдењата на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, која е од партијата ИТН на Слави Трифонов, дека бугарскиот премиер на средби европски дипломати разговарал како да се заобиколи ветото на Бугарија за Македонија.

    Слави Трифонов вчера соопшти дека излегува од владејачката коалиција во Бугарија и ги повлекува своите министри од владата на Петков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира