ЛУЃЕТО КОИ СЕ ВАКЦИНИРАЛЕ ОТКАКО ГО ПРЕЛЕЖАЛЕ КОВИД-19 МОЖЕ ДА ИМААТ ДОЛГОТРАЕН ИМУНИТЕТ, ВЕЛАТ ДВЕ НОВИ ИСТРАЖУВАЊА

    ЛУЃЕТО КОИ СЕ ВАКЦИНИРАЛЕ ОТКАКО ГО ПРЕЛЕЖАЛЕ КОВИД-19 МОЖЕ ДА ИМААТ ДОЛГОТРАЕН ИМУНИТЕТ, ВЕЛАТ ДВЕ НОВИ ИСТРАЖУВАЊАНа вакцинираните кои никогаш не биле заразени веројатно и натаму ќе им треба вакцина (Фото: СДК.МК)

    Имунитетот против ковид-19 трае најмалку една година, можеби доживотно и се подобрува низ времето особено после вакцинирањето, велат две нови студии.

    Тие сугерираат дека повеќето луѓе кои го прележале ковид-19 и подоцна се имунизирале нема да треба одново да примат вакцина. На вакцинираните кои никогаш не биле заразени веројатно и натаму ќе им треба вакцина, исто како и на оние малкумина кои биле заразени, но не развиле силен имунитет.

    Двете студии ги анализирале луѓето кои биле изложени на вирусот една година порано. Клетките кои го задржуваат сеќавањето на вирусот опстојуваат во коскената срцевина и можат да ги разгорат антителата кога и да е потребно, вели една од студиите, објавена во магазинот „Нејчр“. Другото истражување заклучи дека таканаречените мемориски Б клетки продолжуваат да созреваат и зајакнуваат уште најмалку 12 месеци по првичната инфекција.

    „Двата труда се во согласност со сè пообемната литература која сугерира дека имунитетот против ковид-19 предизвикан од инфекција и вакцинација се чини долготраен“, вели Скот Хенсли, имунолог од Универзитетот Пенсилванија.

    Овие наоди би можеле да ги смират стравовите дека заштитата од ковид-19 ќе биде краткотрајна и минлива, како што е случај со коронавирусите кои предизвикуваат обична настинка. Но, тие вируси доста се менуваат на одредени временски периоди.

    „Причината што толку често се заразуваме со обични коронавируси низ животот повеќе има врска со нивните варијанти отколку со имунитетот“, вели Хенсли.

    Всушност, мемориските Б клетки што се развиваат како одговор на заразата со ковид-19 и се засилуваат со вакцинирањето се толку моќни што ги спречуваат и неговите варијанти.

    „Луѓето кои биле заразени и потоа се вакцинирале имаат така добри антитела зашто тие продолжуваат да се развиваат. Очекувам тие да траат долго време“, смета Мајкл Нусенцвајг, имунолог од Универзитетот Рокфелер во Њујорк.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира