Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика синдикатите на превозниците да ги прекинат штрајковите кои што може да предизвикаат хаос за време на божикните празници. На патување во Брегот на Слоновата Коска, Макрон побара од штрајкувачите да се согласат на примирје од почит кон семејствата и семејниот живот.
Штрајковите поради планираните пензиски реформи траат веќе две недели и предизвикаа сериозни нарушувања низ Франција. Половина од вообичаениот број на брзи возови „Те-Же-Ве“ оперираа во саботата и половина од линиите во париското метро беа затворени.
Голем дел од француските граѓани патуваат за да ги поминат празниците во семејствата и пријателите, но овојпат се најдоа заглавени поради откажани возови и закочени патишта. Стотици летови, исто така, се откажани.
Зборувајќи во Абиџан, покрај претседателот на Брегот на Слоновата Коска Аласан Утара, Макрон рече дека штрајкувачите треба да го прифатат духот на одговорноста.
„Правото на штрајк е оправдано и заштитено со уставот, но јас верувам дека има моменти во животот на нацијата кога е добро да се направи примирје од почит кон семејствата и животот на семејствата“, кажа Макрон.
Макрон сака да ги замени 42-та различни пензиски системи во Франција со еден универзален систем, базиран на поени за секој ден работен стаж. Но, работниците велат дека поради реформите ќе треба да се пензионираат подоцна и ќе се соочат со помали пензии.