Франција во текот на овој месец ќе биде домаќин на меѓународна конференција заради собирање хуманитарна помош за Либан и да се придонесе за зајакнување на безбедноста во јужниот дел на земјата, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
„Во следните неколку недели ќе одржиме конференција насочена кон олеснување на хуманитарната помош, поддршка на меѓународната заедница и давање поддршка на либанските вооружени сили за зајакнување на тамошната безбедност, особено во јужен Либан“, рече Макрон по состанокот на претставниците на франкофонијата – земји во кои се говори францускиот јазик- што се одржа во Париз.
Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел за употреба во Газа, што предизвика критики од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Макрон изјави дека е приоритет да се бара политичко решение и да се престане со доставување оружје кое ќе се користи за војување во Газа. Toj ја повтори својата загриженост поради продолжувањето на конфликтот во Газа и покрај повиците за прекин на огнот, а исто така ја критикуваше и одлуката на Израел да испрати копнени трупи во Либан. Тој рече дека Франција не доставува оружје на Израел.
Израелскиот премиер Нетанјаху, пак, во видеопорака рече дека Израел ќе победи со или без поддршка, додавајќи дека повикувањето на ембарго за оружје е срамота. Кабинетот на Нетанјаху одговори велејќи дека секоја земја што не стои со Израел го поддржува Иран и неговите сојузници и полномошници.
Израел денеска издаде нови наредби за евакуација во јужен Либан. Синоќа изврши досега најсилни напади врз Бејрут. Либанските власти соопштија дека вчера 23 лица загинале ширум земјата во нападите, а речиси 100 биле ранети. Израелската војска соопшти дека го убила командантот на Хезболах Кадер Али Тавил, но Хезболах сè уште не потврди.
Во последниве две недели, Израел почна со интензивни бомбардирања на Либан и изврши инвазија во јужниот дел од земјата, по речиси една година конфликт со либанската група Хезболах. Борбите претходно беа главно ограничени на израелско-либанската погранична област и се одвиваа паралелно со едногодишната инвазија на Израел во Газа.